Дерби дуелот од 11.коло од ракометната Супер лига (последно од првиот дел) се игра попладнево во Охрид, каде истоимената домашна екипа го пречекува лидерот Алкалоид. Ова ќе биде еден од петте дуели кои се денеска на програмата.
Првопласираниот Алкалоид на досегашните 10 натпревари оствари и исто толку победи со два домашни триумфи над фаворитите за шампионската титула (Еурофарм Пелистер и Вардар). Гостувањето во Охрид кај екипата на Стевче Алушовски ќе биде првиот вистински предизвик за избраниците на Кирил Лазаров, особено што веќе следната недела ги очекува уште еден дерби дуел на гостински терен кај поранешниот европски првак Вардар.
Натпреварот се игра во СЦ „Билјанини извори“, а за очекување е трибините да бидат исполнети до последно место и домашниот тим како што е вообичаено да има голема поддршка од своите навивачи. Почетокот на дуелот е во 18:30 часот.
Денешната ракометна програма ќе стартува со уште еден натпревар на брегот на Охридското езеро, во Струга гостува Вардар, а почетокот на натпреварот е во 13:30 часот. Во Куманово, МРК Куманово е домаќин на последно пласираниот Радовиш, а дуелот почнува во 15 часот. Во Велес Бисинов Фруит Ленд го пречекува Тиквеш, додека „малото градско дерби“ меѓу Пролет и Бутел почнува во 18:30 часот.
Во првиот дуел од оваа рунда синоќа шампионот Еурофарм Пелистер го совлада Прилеп со 46:24.
СУПЕР ЛИГА (МАЖИ) 11.коло
Сабота
13.30 СТРУГА – ВАРДАР
15.00 МРК КУМАНОВО – РАДОВИШ
18.00 БИСИНОВ Ф.Л. – ТИКВЕШ
18.30 ПРОЛЕТ – БУТЕЛ СКОПЈЕ
18.30 ОХРИД – АЛКАЛОИД