Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички денеска ќе ги играат третите натпревари во регионалната кошаркарска АБА2 лига.

Први на сцената ќе излезат „центарци“. Екипата на Работнички во дуел од „Б“ групата го пречекува тимот на Босна од Сараево. Црвено-белите ги загубија првите два натпревари, па се надеваат на „трета среќа“. Но за тоа нема да им биде потребна само среќата, туку ќе мора да одиграат на високо ниво. Против себе имаат одличен тим кој веќе славеше една победа.
Натпреварот што ќе се игра во СЦ „Кале“ ќе почне во 18 часот.

Два часа подоцна (20) во „Јане Сандански“ ќе стартува дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и словенечкиот Хелиос. Ова е натпревар од „А“ групата, во која по два одиграни натпревари Хелиос е лидер со исто толку победи. МЗТ пак пропушти голема шанса да има ист учинок, откако во претходното коло загуби по продолжение од Цедевита јуниор.

Бодовите за двата македонски тима се неопходни, доколку сакаат да останат во трката за двете позиции што водат во разигрувањето.