Koшаркарите на Пелистер со победа ја почнаа новата сезона во АБА2 лигата. Во првиот натпревар од Ц групата Пелистер поред своите симпатизери во Битола го совлада Широки Бријег со 74-72.
Пелистерци одлично го отворија натпреварот и поведоа со 9-0. Како одминуваше првиот период гостите ги консолидираа редовите па дури и поведоа. Сепак првите 10.минути завршија со израмнет резултат 19-19. И во вториот период одново зелено-белите имаа +9 (34-25). Но му дозволија на противникот пак да се врати во игра, па на полувреме домаќините заминаа само со четири предност (37-33).
Во второто полувреме, избраниците на Александар Перовиќ има аи најголеми +13, но малку фалеше од готово да направат вересија. Гостите успеаја да се вратат на -1, но среќа на пелистерци немаа сили за комплетен пресврт. На крајот битолчани се радуваа со конечни 74-72.
Американецот Брајан Антоан со 16 беше прв стрелец кај Пелистер, додека Никола Мишковиќ натпреварот го заврши со дабл-дабл со 13 поени и 11 скока.
Следен натпревар за Пелистер во АБА2 ќе биде гостувањето кај Подгорица дури на 15 октомври. Во меѓувреме битолчани претстојниот викенд ќе ги почнат и обврските во домашниот шампионат. Пелистер во 1.коло на Првата лига ќе игра против Тиквеш, а потоа предвиден е и дуелот од 2.коло со МЗТ Скопје.