Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ја почнува новата сезона во Лигата на шампионите. Битолчани лани не се прославија, бидејќи ги загубија сите натпревари.
Во второто свое учество, во низа, ќе се обидат да го поправат впечатокот и да докажат дека местото им е во елитата.
Ова меѓу останатото пред утрешното гостување кај ПСЖ го истакнува тренерот на зелено-белите Бранислав Ангеловски.
„Гостуваме кај еден од најсериозните кандидати за место на завршниот турнир и фаворит за освојување на едно од првите две места во нашата група.
Наша обврска е да се претставиме во најдобро светло, колку е тоа можно во овој момент. Само така треба да ја гледаме нашата иднина во Лигата на шампионите.
Еден ден и еден добар натпревар против ПСЖ, како минатата сезона, не може да гарантира дека повторно ќе одиграме добро. Но, мотивацијата ќе биде на наша страна, желни сме за докажување и сметам дека тоа ќе го покажеме“, истакна Ангеловски.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер што ќе се игра во Париз од 20.45 часот, е еден од двата кои ќе се играат утре во рамките од „А“ групата. Во истиот термин ќе играат Спортинг Лисабон и Висла Плок.
Во оваа група се и екипите на Фуксе Берлин, Вспрем, Динамо Букурешт и данската Фрефериција.