Шпанскиот прволигаш, Рајо Ваљекано, чиј член е Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, три натпревари не знае за победа. По двата нерешени натпревари против Севиља и Гетафе, избраниците на Андони Ираола денес загубија на гостување кај Кадиз со минимални 0-1.
Рајо Ваљекано одлично влезе во натпреварот и имаше повеќе од играта. Во 23-тата минута успеа да постигне и гол, но истиот беше поништен поради офсајд. Натпреварот влезе во фаза кога ниту еден од тимовите немаше изразена иницијатива, па гледавме само полу-шанси и на двете страни.
Во 74-тата минута, играчот за врска на Кадиз, Иван Алејо само што влезе во игра минута порано, буквално со првиот допир, упати употреблива топка во шеснаесетникот на Рајо, каде истата ја пречека напаѓачот Серхио Гвардиола и со мирен финиш го совлада, Македонскиот чувар на мрежата на Ваљекано, Столе Димитриевски.
Тренерот Андони Ираола се обиде со неколку офанзивни играјќи од клупа да го врати својот тим во игра, но Кадиз одлично се бранеше и дојде до важни три бода.
Со овој пораз, Рајо остана на 34 бода и шеста позиција на табелата, два бода повеќе во однос на Атлетик Билбао, но и натпревар повеќе.
Кадиз со оваа победа излезе од опасната зона со 25 бода сега е на 14. место на таблета.