Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија, попладнево ќе има нов тест.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски се во Храдец Кралове каде ќе го одиграат пријателскиот натпревар против учесникот на ЕП, Чешка

По поразот од Хрватска минатиот понеделник (0-3), црвено-жолтите, немаа многу време за подготовка за дуелот со Чешка.

„За четири дена не можете ништо да подобрите, посебно во овој дел од сезоната на физички план. Работевме на освежување на тимот, задоволен сум тоа што сите се здрави, освен како што знаеме Енис Барди не може да биде со нас. 

Физичката подготовка е фактор број еден за да бидете на ниво цели 90 минути,
но што е, тука е.

Одиме да го извадиме максимумот, иако сме свесни дека е крај на сезоната и заморот е присутен кај играчите, како и проблемите кои ги имаат дел од играчите во клубовите“,
изјави селекторот Благоја Милевски.

За Чесите тоа ќе биде последна контрола пред нивниот настап на Европскиот шампионат во Германија. Чешката селекција ќе игра во „Ф“ групата против Португалија, Турција и дебитантот Грузија.

„Кога сте учесник на едно Европско првенство, тоа е доволен доказ за квалитет.
Не очекува сосема различен во однос на Хрватска.
Неслучајно ги прифативме овие натпревари.

Уверен сум дека ние како тим и репрезентација може да напредуваме ако играме натпревари со поквалитетни ривали од нас и да видиме до каде сме “,
заклучи селекторот Милевски.

За македонската репрезентација овој дуел е во рамките од подготовките за пристојниот циклус во Лигата на нациите што ќе почне во септември.

Ова ќе биде четврти натпревар меѓу овие репрезентации. Во квалификациите за СП 2006 загубивме во двете пресметки, а одигравме 1:1 на пријателскиот меч во 2001 година.

Натпреварот меѓу Чешка и Македонија ќе почне од 18 часот.
Натпреварот ќе може да го гледате ВО ЖИВО НА МРТ3 или ОВДЕ.