Актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2:0 против Пелистер во финалето од плејофот на домашниот шампионат. Аеродромци, повторно пред својата публика во „Јане Сандански“ го совладаа Пелистер со 80-75 и сега ги дели само една победа од нов шампионски трофеј.
Гостите од Битола подобро го отворија мечот. Имаа пелистерци и +14 во првиот период кој го завршија со +6 откако МЗТ направи низа од 8-0 (16-22). Она што го промашија во првиот, домаќините го погодија во второто период, особено по 15-тата минута. МЗТ не само што надополни осум негатива, туку и поведе со +7. На одмор сино-белите сепак замина само со три позитива (46-33).
По пет минути игра во второто полувреме, аеродромци за прв пат имаа двоцифрена предност 58-48. Во последниот МЗТ влезе со девет позитива 68-59. Зелено-белите се доближија до три негатива, но немаа сили за комплетен пресврт. МЗТ славеше со конечни 80-75.
Тројца кошаркари во победничката екипа завршија со двоцифрен број на поени. Најефикасен со беше Танасковик со 16 поени и 12 скокови. Делалиќ додаде 15, a Дамјан Стојановски заврши со 13. Во составот на поразените, Костовски реализира 16, а Малсинко и Најт постигнаа по 13 поени.
Сега серијата подобар до три победи се сели во Битола, за каде се предвидени два меча. Првиот веќе во сабота, 25 мај.
Покрај финалето, во истиот термин во СЦ „Кале“ се одигра и вториот дуел за третото место во завршниот поредок.
Во него, Работнички повторно беше подобар од ТФТ. Славеа кошаркарите од „Градски парк“ со 96-68 за предност од 2:0 во победи. И оваа серија се игра во три добиени натпревари. Тимот што ќе ја добие ќе биде трето пласиран и ќе се стекне со право за настап на меѓународната сцена (најверојатно АБА2 лигата).