Од таборот на КК Работнички преку две соопштенија се огласија до јавноста, а во пресрет на утрешниот натпревар со Пелистер. Овие два тима утре ќе го играат четвртиот натпревар од полуфиналето во плејофот. Во него пелистерци влегуваат со предност од 2:1 во победи.
Не е невообичаено низ светот, па и кај нас, во пресрет на вакви важни натпревари да има „препукувања“ од двете засегнати страни. Влогот е голем, финале, борба за шампионскиот трофеј, па затоа, до некаде се разбирливи ваквите реакции на клубовите.
Сега на ред е Пелистер, кој преку соопштение му врати на Работнички. Од таборот на зелено-белите меѓу другото велат дека, обидот на противникот е само да си создаде алиби во случај на неуспех.
Во продолжение целосното соопштение на КК Пелистер
Соопштение до јавноста
КК Пелистер се чувствува повикан да одговори на неочекуваните прозивки од КК Работнички, кој очигледно во немоќ и резултатска негатива пред за нив клучниот меч оваа сезона се обидува вината да ја лоцира на погрешно место.
А фактите го говорат сосема спротивното…Пелистер бил и ќе биде беспрекорен домаќин без оглед на конечниот исход на натпреварите, нешто што можат да го посведочат екипите кои годинава славеле во Битола и притоа немало ниту еден инцидент (еднаш тоа беше и Работнички).
Без разлика на резултатот, немаме намера да снимаме видеа по ходници за потоа да ги дистрибуираме ако затреба, во зависност од тоа дали конечниот исход ќе ни биде во полза.
Цела сезона сме отворени за спортски дух и пријателство, отворени да покажеме како треба да функционира клуб со искрени намери за натпревар на терен и на ниту едно друго место.
Работнички максимално го почитуваме како најтрофеен македонски кошаркарски колектив, но и „центарци“ треба да се однесуваат како таков.Затоа што од денешното нивно соопштение увидовме дека добро ги знаат пропозициите.
Но ете, заборавија согласно пропозициите да пријават доаѓање на нивни навивачи на Купот на Македонија, и тогаш се обидоа да ја префрлат одговорноста врз нас, но не им успеа.
Сега заборавија според пропозициите да побараат тренинг во Битола, но без збор им обезбедивме термин и максимални услови за работа.Повторно заборавија да го пријават доаѓањето на своите навивачи од Скопје, но им излеговме во пресрет и ги примивме нивните приврзаници во сала иако немавме обврска поради непристигнатото барање.
Заборавија и дека по првиот меч еден нивни навивач влета со стаклено шише во собата на судиите и гласно им се закануваше, но не заборавија да го снимат видеото од пет секунди во Битола опишуваќи го како скандалозно.
Се заборава тоашто не им одговара, но тука завршуваме со противникот и се насочуваме само кон себе.КК Пелистер оваа сезона се покажа како беспрекорен организатор на бројни натпревари, меѓу другото и на завршниот турнир од Купот на Македонија, каде загубивме меч во неизвесна завршница и спортски му честитавме на победникот.
Навистина, на последниот меч имаше краток инцидент за кој жалиме и ја прифаќаме одговорноста, но тоа не може да го оцрни сето она што кошаркарска Битола го прави и го живее со КК Пелистер во последните години, а особено оваа последна натпреварувачка сезона.
Провокациите од страна на утрешниот противник не се ништо друго освен нивни обид за алиби во случај на неуспех. За нас битолчани пак, се само мотив плус за на четвртиот меч од полуфиналето да ја наполниме салата до последно место и на крајот заедно да се радуваме на уште едно големо финале на КК Пелистер.
Спортски поздрав,
КК Пелистер
Утрешниот натпревар меѓу Пелистер и Работнички ќе се игра во терминот од 18.30 часот. Натпреварот ќе може да го гледате ВО ЖИВО ОВДЕ (линк)