Фудбалерите на Баер Леверкузен веќе можат да ја слават титулата во Бундес лигата, иако теоретски сеуште ја немаат освоено. Баер го делат само два бода од првиот шампионски трофеј.
„Фармацевтите“ си ја завршија задачата и го совладаа Унион Берлин со 1:0. Стрелец на голот беше Флориан Вирц во 7.та минута од судиското продолжение во првиот дел.
Задачата на „Фармацевтите” им ја олесни Хајденхајм кои триумфираа над Баерн Минхен со 3:2 и уште еднаш сезонава ја продолжија „агонијата” на Баварците. Стрелци на головите за Хајденхајм беа Кевин Сесеа во 50.та минута, Тим Клајндинст во 51.та и 79.та минута. Головите за Баерн Минхен ги постигнаа Хери Кејн и Серж Гнабри во првиот дел.
Од останатите попладневни натпревари, издвојуваме. Македонскиот репрезентатовец Елиф Елмас одигра скромни 12 минути во победата на Лајпциг од 4:1 над Фрајбург. Стрелци на головите на натпреварот беа: Амаду Хајдара, Лоис Опенда два пати и Бенџамин Шешко за Лајпциг, а почесниот гол за Фрајбург го постигна Винченцо Грифо.
Агон Елези беше надвор од составот на Бохум кој загуби од Келн со 2:1. Стрелци на головите беа за Келн: Стефен Тигес и Лука Валдшмид, додека за Бохум стрелаше Феликс Пашлак.
Со денешните резултати екипата на Баер Леверкузен е на два бода до историски триумф во Бундес лигата. Чаби Алонсо и Баер се на 41 натпревар сезонава непобедени, а имаат 16 бодови повеќе од минхенски Баерн кој е втор.