Гостински победи остварија фаворитите Вардар и Алкалоид во последните два дуела од 6.коло од плејоф лигата во ракометното првенство.
На „жешкиот“ терен во Охрид Вардар беше во негатива на почетокот на вториот дел и долго се мачеше да го „скрши“ отпорот на домаќинот. По 18:17 за Охрид „црвено-црните“ направија серија од 3-0 за водство од 20:18, што беше најава за победата.
Брзо потоа Вардар поведе и со 24:20. Во финишот Охрид намали на еден разлика, но по одбраната на Мартин Томовски (вкупно седум), дојде до предност која се покажа недостижна. Вардарци остварија победа со 27:25.
Родригез кај Вардар со 10 голови беше најдобар стрелец на дуелот.
Во скопската населба Бутел, истоимената домашна екипа загуби од вицепрвакот Алкалоид со 23:20.
Со денешните победи Вардар и Алкалоид со по 15 бодови се пробија на второто односно третото место на табелата. Лидер е Еурофарм Пелистер со 20. Охрид падна на четвртото место со 14 бодови, додека Тиквеш има 13. Бутел со 4 бодови остана на шестото место, Пролет со 3 е седми, додека последна е Струга без бод во плејоф лигата.