Со комплетирањето на денешната програма од последното 22.коло на Првата лига, познати се двојките за четвртфиналето во кошаркарскиот шампионат.
Откако претходно, МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер ги потврдија првите три позиции, тоа вечерва го стори и Чаир. Скопската екипа славеше очекувана победа над Охрид со 98-74 и заврши како четврто пласирана во регуларниот дел од сезона.
Во последниот натпревар без резултатско значење, што се однесува до пласманот на табелата, Феникс го победи ТФТ со 82-80.
Така утрешниот последен натпревар од ова коло, нема да смени ништо во поредокот, а со тоа и во изгледот на четвртфиналните парови.
Во првата „нокаут“ фаза, шампионот МЗТ Скопје Аеродром за противник ќе го има Гостивар. Второ рангираниот Работнички ќе игра против Феникс. Во вториот скопски дуел ќе се сретнат Чаир и ТФТ, додека битолски Пелистер за место во полуфиналето ќе игра против кавадаречки Еуро Никел.
Покрај плејофот, интересна ќе биде и „битката“ за опстанок во кој четирите тима ќе се обидат да останат во прволигашката конкуренција. За двете места кој гарантираат настап и следната сезона во Првата лига ќе се борат: Кожув, Охрид, Академија ФМП и Вардар.
Лигашкиот дел од сезоната вечерва (19 часот) ќе го заокружат Вардар и Еуро Никел.
ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – ЧЕТВРТФИНАЛЕ
МЗТ СКОПЈЕ А. – ГОСТИВАР
РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС
ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ
ЧАИР – ТФТ