Екипата на Барселона го доби дерби дуелот со Атлетико и тоа во Мадрид и остана во „потера“ по Реал за првото место. Дуелот одигран на „Метрополитано“ стадионот во Мадрид, а во рамките од 29.коло на Ла Лига му припадна на Барса со 3-0.
Во отворен фудбал во кој двете екипи ги посакуваа трите бода, подобро се снајдоа фудбалерите на Чави.
Жоао Феликс повторно беше кобен за својот екс клуб Атлетико. Португалецот во 38.минута по асистенцијата на Левандовски и донесе предност на Барса од 1-0.
Во финишот на првиот дел, гостите останаа без тренерот Чави кој заработи два жолти картони поради неспортско однесување.
Токму Полјакот беше стрелец на вториот гол и тоа по акцијата на Рафиња во 47-мата минута. Дека Левандовски е расположен за игра, потврди во 65.минута кога со одличен центаршут го пронајде Фирмин Лопез кој погоди за 3-0 за Барса.
Со оваа победа и новите бодови, а вкупно 64, Барселона сега е втора на табелата, пред Џирона која заостанува два бода.
Лидерот Реал Мадрид има 72 или осум повеќе од лутиот ривал.