Првиот натпревар од плејоф Супер лигата заврши со победа на Алкалоид 22:17 на гостувањето кај Пролет 62, екипа која се покажа во добро светло пред се во првите 20 минути.
Вицешампионот Алкалоид се „мачеше“ да го скрши отпорот на домашниот тим, кој многу подобро го почна дуелот и по 10.та минута веќе имаше предност од два гола разлика.
Избраниците на тренерот Александар Јовиќ играа без респект кон противникот, па Пролет имаше и предност од три разлика. Но, набрзо гостите ја консолидираа играта во одбраната што донесе и резултат. Алкалоид успеа во 24.минута да изедначи на 9:9, а во финишот на првиот дел и да поведе со 10:9.
Серијата без гол на домашната екипа продолжи и на стартот од вториот дел.
Алкалоид тоа го искористи и поведе со 14:9 што се покажа како решавачко за победата и новите три бодови.
Најефикасен на дуелот беше Мартин Серафимов од Алкалоид со 5 голови. Кај Пролет, Палевски и Андоновски постигнаа по 4.
Вечерва се играат и другите дуели од првото коло од плеј офот: Еурофарм Пелистер – Вардар, Бутел – Охрид, Тиквеш – Струга.