Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва од 20:30 часот во „Мерцедес Бенз Арена“ во Берлин (со капацитет од 14.800 гледачи) го игра вториот натпревар од Европското првенство, а противник е домаќинот Германија. Домашните ракометари ја имаат улогата фаворит, особено што нивните амбиции се освојување на медал на овој шампионат.

Во високиот пораз од Фрнација (29:39) на стартот од шампионатот македонските репрезентативци и селекторот Кирил Лазаров имаа и четири дена за подготовка за новиот натпревар. Ова е важно бидејќи на претходните европски првенства вообиќаено се играло секој втор ден.

Од нашиот табор играчите пред се најавуваат поквалитетна игра, посилен отпор за ривалот и по можност добрата игра која со Франција беше само во првото полувреме сега да има подолго времетраење.

Нашиот денешен противник и домаќин Германија има две европски титули во 2004 и 2016 година, но ниту една не е освоена на домашен терен.

Натпреварот ќе го судат Даниел Акото Мартинс и Роберто Акото Мартин од Португалија.

На досегашните пет меѓусебни натпревари, двапати со Германија имаме играно на европско првенство, а последниот дуел во Загреб заврши нерешено 25:25, додека во Ниш со еден сомнителен гол Германците се радуваа на победата. Три порази имаме на натпревари од светско првенство.

МЕЃУСЕБНИ НАТПРЕВАРИ:

СП 1999 година (СП Египет – Каиро): Македонија – Германија 25:36 – групна фаза

СП 2009 година (СП Хрватска – Вараждин): Македонија – Германија 23:33 – групна фаза

ЕП 2012 година (ЕП Србија – Ниш): Македонија – Германија 23:24 – групна фаза

СП 2013 година (СП Шпанија – Барселона): Македонија – Германија 23:28 – осминафинале

ЕП 2018 година (ЕП Хрватска – Загреб): Македонија – Германија 25:25 – групна фаза