Очекуваа многу но, добија малку со Италијанецот, Џовани Валенти, па од тимот на Брера Струмица пред крајот на есенскиот дел од сезоната, решија да ја прекинат соработката.
Струмичката екипа имаше големи амбиции за сезонава, па дури и борба за местата кои водат на европската сцена. Сепак со само 20 бодови, од 17 одиграни натпревари Брера е далеку од тоа.
„Управата на „Брера Струмица“ спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Џовани Валенти кој од денес нема да го предводи првиот тим.
47 годишниот Валенти кој во Италија има работено со младински погони на повеќе калчолигаши но и младите репрезентации на Италија, во нашиот тим пристигна во јуни годинава. Валенти максимално и професионално се посвети во работата со првиот тим при што внесе нов елан и енергија во играта на фудбалерите. Под палката на Џовани Валенти нашиот сениорски состав забележа 5 победи исто толку нерешени исходи и 7 пораза. Со вкупно 20 бода се наоѓаме на 8 позиција на прволигашката табела.
Клубот му се заблагодарува на Џовани Валенти на соработката но и му посакуваме многу успеси во понатамошната кариера а благодарност упатуваме и до Кавали и Пегорари кои во клубот внесоа доста професионализам во изминатиот период.
Засега нема информација кој ќе ја предводи екипата во наредниот период. Веќе во наредното коло (претстојниот викенд) струмичани го пресекуваат водечкиот Шкупи.