Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ќе го одигра третиот натпревар во Лигата на шампионите.
Пелистерци пред домашните навивачи во Битола, ќе го угостат германскиот гигант Кил.
Секако дека Кил важи за фаворит во овој дуел, но српскиот интернационалец Урош Борзаш смета дека со голема борба и поддршка од трибините, Пелистер може да парира.
„Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули и треба да се бориме до крај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот.
Кил игра на многу контри и полуконтри, но ќе се обидеме да ги лимитираме и да возвратиме. Веруваме дека можеме да се наметнеме. Кил има промени за разлика од ростерот минатата сезона, ќе се погрижиме да уживаме и да одиграме најдобро што можеме.
Не беше убаво да се загубат натпреварите и против Вардар 1961 и во Лигата на шампионите. Знаеме каде грешевме и верувам дека ќе се поправиме. Добро ни дојдоа победите во Суперлигата, растеме како тим и желно го чекаме натпреварот против Кил“,
вели Борзаш.
Еурофарм Пелистер ги загуби првите два меча во шампионската лига. Зелено-белите беа совладани за домашен терен од Колстад и нагости во Данска кај Алборг. Кил пак стартуваше со две победи, пред својата публика против Сегед и на гостувањето кај Загреб.
Утрешниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Кил ќе се игра во попладневниот термин од 18.45 часот.