Можеби звучи помалку неверојатно, но е вистинито.
Актуелниот македонски шампион Еурофарм Пелистер, дури во петтиот свој настап ќе ја брка првата победа во новата сезона.
Пелистерци досега одиграа четири натпревари и ги загубија сите. Два пати беа совладани од Вардар (Супер куп и првенство), а претрпеа и два порази во Лигата на шампионите (Колстад и Алборг).
Шансата да ја прекинат оваа лоша серија пелистерци ќе ја имаат попладнево. Тие во натпревар од 2.коло на Б групата во Супер лигата го пречекуваат новајлијата Мулти Есенс.
Пелистер важи за апсолутен фаворит во дуелот со младиот состав од Автокоманда. Се освен победа на зелено-белите би била вистинска сензација, а воедно и голем удар за битолскиот тим.
По овој меч, веќе утре Еурофарм Пелистер треба да одигра нов натпревари и тоа во Скопје против Голден Арт.
Долгиот и напорен распоред ќе биде дополнет во среда со дуелот во Лигата на шампионите кога во Битола ќе гостува германскиот гигант Кил.