Прва победа за одбојкарска Македонија на традиционалниот меморијален турнир „Чајка“ што се игра во Скопје во арената „Борис Трајковски“.
Македонија по повеќе од двоипол часовна борба успеа со пресврт да го совлада силниот Египет со 3-2 во сетови (25:22, 22:25, 21:25, 25:23 и 16:14).
По стартниот пораз од Јапонија вчера, избраниците на Јошко Миленковски вечерва покажаа поголема борбеност, помалку грешеа и се враќаа во игра кога најмногу требаше.
Одново лидер на тимот беше капитенот Никола Георгиев со дури 30 поени, но тука беше и Александар Љафтов кој го следеше со 23.
Меѓутоа мора да се напомене дека селекторот Миленковски често го менуваше составот додека не го најде оној правиот кога во игра го внесе Славе Наков.
Токму играчот на шампионот Струмица беше клучниот играч во освојување на четвртиот сет, но и последниот петти. Со неговите блокови успеа да го откаже Египет и на Македонија да и ја донесе првата победа на турнирот.
Имавме негатива од 13-11 во петтиот сет и успеавме да се вратиме во игра и на крајот да го добиеме тој сет и мечот со 16-14.
Ова е голема победа за нашите момци кои уште помотивирани ќе влезат во утрешниот меч против нашиот јужен сосед. Грците денеска ја победија Јапонија со 3-1 во сетови (26-24, 25-18, 23-25, 25-23).
Со победа против утрешниот противник Македонија има шанса и да стигне до пехарот на овој традиционален турнир, прв по 2011 година.