МАРТИН КЛИНЧАРОВ
(во пресрет на мечот противХоландија)
Отворањето на светското првенство не помина добро за нас. Барем не онака како што сме навикнале или пак како што кажува статистиката. Помалку или повеќе очекувано со оглед на фактот дека ова отворање го имавеме против еден од кандидатите за медал. Се мешаа изјави, шпекулации дали ќе се штедиме, дали ќе играме со сите сили и ќе се надеваме на изненадување. Од она што го видовме ниту едното, ниту другото. Некаде во средина, што е најлошата варијанта за нас. Ем се потрошивме, ем изгубивме 12 голови разлика. Јагуриновски заработи повреда, а добар дел од екипата е деморализирана. Воопшто не е лесно да се загуби со 12 голови разлика без оглед колку и голем фаворит да бил спроти нас. Така може и да се толкува изјавата и на Деки Манасков кој заедно со Талески беа наша светла точка на овој натпревар, дека ако играме вака и против Холандија, повторно ќе изгубиме 10 разлика!
А како игравме!? Лоша одбрана.
Фактот што беше присутен и пред првенството и веќе коментиран дека примаме многу голови се потврди и на овој натпревар. Нелогично зошто би играле некоја модифицирана 5—1 одбрана со Талески како најистурен наш играч напред, длабоко на 10—11 метри, директно задолжен за О’Саливен и (или) Сагосен, играчи кои имаат одлично движење и одлични технички перформанси.
Два аспекти во оваа тактичка поставеност беа спорни.
Наместо да држиме густина и компактност во средината која е и најсилно оружје на норвешкиот напад, ние свесно оставивме преголем простор. Првата, Талески непотребно многу се трошеше во одбрана, а е играч од кого очекуваме да го носи нападот на свој грб како прв и единствен лев бек во овој состав. Втората, со исфрлањето на Талески напред, длабоко, се остави многу простор зад него што свесно или не, останатите тројца централни играчи ги остави да играат еден на еден со своите противници на широк простор. Па така Никола Маркоски мораше да покрива широк простор од позиција 2 до позиција 5 притоа да му го чува и грбот на Талески. Нешто што Никола Маркоски не можеше да го прави ниту пред десетина година кога беше значително помлад. Позиција во таква одбрана која сака многу трчање и многу концентрација. Како резултат на тоа, Јагуриновски и Кузмановски исто така имаа широк простор за чување против играчи како О’Саливен и (или) Сагосен и Рајнкинд и Род на десната страна. Искусни и квалитетни играчи кои по две брзи промени успеваа да создадат вишок играч. За наша несреќа, поголем дел од головите кои ги примивме беа низ средината на нашата одбрана што статистички го докажува и фактот дека бековската линија на Норвежаните ги постигнала половина од головите на норвешкиот тим што буквално значи дека нашите голмани беа оставени на стрелиште без преголема помош од одбраната.
Нападот, хаотичен.
Осумнаесетте (18) технички грешки на светско првенство се неприфатлив статистички показател. Иако флоскулата ‘играш онолку колку што ќе ти дозволи противникот’ не е само гола фраза, сепак останува констатацијата дека не покажавме ништо конкретно. Слаб проток на топка, на моменти и плашливо.
За разлика од нас, Норвежаните ја чуваа средината на сопствената одбрана, логично затоа што најголемата опасност ја гледаа во Талески и Кузманоски. Сепак ние не успеавме да создадеме шанса за нашите 2 крила. Георгиевски имаше една контра која не успеа да ја реализира, Манасков ако ги тргнеме настрана головите од 7 метри, е со 2 обиди од игра за 60 мин. Евидентна беше и нервозата кај Манасков кој е играч кој сака и мора да биде присутен во играта, па во неколку наврати се обидуваше сам да повлече полуконтра, да започне акција која заради не координацијата со останатиот дел од тимот завршуваше без успех.
Идејата и заложбата за нова, брза и модерна игра остана само на хартија. Во пракса не видовме ништо од тоа. Десната страна ни е тотално не активна. Не опасна кон противничкиот гол. Мартин Серафимов се повеќе сака да личи на селекторот и негов идол, Лазаров и да практикува ракомет без контакт и дуел игра, сепак останува фактот дека Лазаров од свои 19 години можеше да шутне и од 9—10 метри од противничкиот гол и да го проигра своето крило или пивот. Серафимов тоа не може. Или барем ние сеуште не сме го виделе. Затоа и Георгиевски и Костески останаа без корисни топки и шанси за гол на овој натпревар.
Затоа и играта 7 на 6 не даде реален резултат бидејќи десната страна не го напаѓа противничкиот гол. Единствената позитивна страна од тоа е што можевме да видиме дека Коки Петров може и треба да добива повеќе шанса и во нападот но и во одбраната. Да ги одигра максимално своите 10 минути по полувреме во два правци.
Норвешка е зад нас. На турнир систем нема многу време за плачење и кукање и премногу анализирање на она што поминало.
Денес ни претстои нов натпревар, еден од двата во кои ќе ја бараме шансата за следна фаза.
Холандија не е светска велесила.
Не е репрезентација од која треба да стравуваме, сепак нивниот прогрес не е за занемарување. Годинава за разлика од претходното првенство имаат уште еден адут во ликот на Штафан Олсон, играч од светски калибар, тренер со големо искуство, клупско и репрезентативно. Олсон веројатно веќе ја анализирал играта на нашата репрезентација. И пред ова првенство но и сега после првото коло. Ќе мора да се надминеме самите себе и да се обидеме да ги изненадиме, посебно оние играчи од кои тие нема да го очекуваат тоа. Пред се тука мислам на Серафимов (доколку Јагуриновски не е подготвен за игра) и Ѓоргиев, евентуално Џонов како играчи од позадина. Да ја рашириме играта, да ги инволвираме крилата повеќе во игра со што би ја рашириле холандската одбрана а со тоа го намалиме и товарот врз Талески и Кузманоски.
Напаѓачки, Холандија е многу посилна на десната страна.
Статистиката од првиот натпревар го покажува истото. Стеинс на среден како мотор на тимот, Смитс/Јансен на десен бек и Схаген на десно крило постигнаа 20 од вкупно 29 голови на холандската репрезентација. Се надевам дека денес ќе ја концепираме одбраната во таа насока. Ќе ја задржиме густината без притоа да оставаме премногу простор за брзиот Стеинс од кого почнуваат сите акции на холандскиот тим, со нијанса подлабоко и поагресивно излегување кон Смитс и Јансен како поизразени шутери. Да ја затвориме средината и да ги натераме Холанѓаните да ги користат своите крила, со што би му дале повеќе можност на Митрески да ги покаже своите квалитети и онаму каде е најдобар и најкорисен.
Колку и да се залагаме за брза игра, мое лично мислење е дека не смееме да влеземе во холандската игра и наттрчување со противникот. Не сме подготвени за тоа. Немаме јасна визија кој и каде трча, кој која улога ја има во транзиција по одбранет напад. Доколку имаме шанса за чисти контри преку Манасков и Георгиевски/Костески да ги користиме максимална, како и секоја шанса за брз гол, во спротивно, да се обидеме да ја смириме топката, да организираме квалитетен напад.
Да не ги повториме 18-те технички грешки против Норвешка.
За кого!? За МАКЕДОНИЈА!