Екипата на Реал Мадрид е вториот финалист во Лигата на шампионите. Во реванш полуфиналниот дуел Реал со голем пресврт (2-1) го совлада минхенски Баерн. Со вкупен резултат 4-3 фудбалерите на Реал се изборија за финалниот меч во елитното натпреварување.

Уште еден натпревар за паметење беше одигран на „Сантијаго Бернабеу“ во кој Реал доминираше.

Реал тргна по офанзивно на почетокот на натпреварот. Веќе во 13.минута имаше голема (двојна) шанса за гол. Винициус ја погоди статива, а по одбиената топка се обиде Родриго, но Нојер успеа да одбрани. На спротивната страна во 28.минута се обиде Хари Кејн од далечина, но Андриј Лунин беше внимателен и одлично одбрани. Имаше повеќе од играта „кралскиот“ тим, но резултатот по првиот дел остана оној почетниот 0-0.

Во вториот дел први се заканија гостите преку Дејвис во 47.минута, но Лунин повторно беше на висина на задачата. Само девет минути подоцна, на спротивната страна се закани Реал. Повторно во главна улога Винициус и Родриго чиј удар мина само неколку сантиметри крај голот на Баварците. Истите играчи се обидоа во 59-тата (Родриго) и 60-тата минута (Винициус), но тогаш Нојер одлично интервенираше.

Тоа што го пропуштија домаќините, го казнија гостите.

Во 68.минута по брзата контра во Канаѓанецот, Алфонсо Дејвис му донесе предност на Баерн од 1-0. Реал брзо постигна гол, но по прегледувањето на ВАР, беше поништен поради прекршок на Начо кој влијаеше на исходот.

Реал апсолутно доминираше во играта, имаше многу повеќе удари, но не успеваше да постигне гол. Среќата сепак им се насмевна на „кралевите“ во последните минути од натпреварот.

Хоселу стана јунак на Реал.

Во 88.минута благодарение на Нојер, по чија лоша интервенција Хоселу израни на 1-1. Истиот фудбалер во 91-та со својот втор гол донесе голема победа на „кралевите“ е ерупција на трибините.

За Реал тоа ќе биде 18-то финале во клупската историја во кое ќе го брка 15-тиот трофеј.

Противник на Реал во финалето ќе биде екипата на Борусија Дортмунд која го елиминира ПСЖ.

Дуелот за шампионскиот трофеј ќе се игра на „Вембли“ во Лондон, на 1 јуни.