Лионел Меси не преставува да ги воодушевува Американците. Она што го правеше со децении во Европа, Меси сега го прави во Северна Америка.

Неверојатниот Аргентинец постигна одличен гол во победата на неговиот Интер Мајами над Филаделфија од 4:1, помагајќи му на клубот од Флорида да се пласира во финалето на Лига купот.

Прашањето на победникот Интер практично го реши по првите 45 минути кога дојде до недостижни три гола разлика.

Гостите поведоа во третата минута со голот на Јозеф Мартинез. Веќе во 20-тат Меси со хируршки прецизен удар од околу 25 метри го совлада немоќниот Блејк.

Во третата минута од судиското надополнување на првиот дел, погоди и Ѓорди Алба, додека резервистот на Филаделфија Бедоја ја намали негативата на својот тим во 73-тата минута.

Конечниот резултат го постави Давид Руиз во 84.минута од натпреварот.

Интер Мајами во финалето ќе се сретне со подобриот од дуелот помеѓу Монтереј и Нешвил. Воедно со пласманот во финалето обезбеди учество во Лигата на шампионите КОНКАКАФ.

За тимот од Флорида ова ќе биде првпат да може да се бори за трофејот, само еден месец по доаѓањето на Меси. Аргентинецот на досега постигна 9 гола на 6-те одиграни натпревари.