Македонскиот репрезентативец – атлетичар Андреас Трајковски освои бронзен медал на Балканијадата што овој викенд се одржува во Краљево, Србија. Тој имаше скок со должина од 7.75 метри што се покажа дека е доволен само за трето место.
Трајковски златото „го загуби“ во последната серија кога двајцата првопласирани атлетичари од Србија постигнаа подобри скокови од него. Прво Страхиња Јованчевиќ имаше скок од 7.89 метри што беше и најдолг скок на Балканијадата, а потоа Лазар Аниќ скокна до далечина од 7.78 метри.
Инаку, македонскиот атлетичар до петтата серија беше во водство. Тој беше прв на залетиштето и во првата серија скокна 7.67 метри, потоа во втората имаше скок 7.62 метри. Во третата серија го подобри резултатот на 7.72 метри, а во 4.та серија имаше скок од 7.55 метри, потоа следуваше и неговиот најдолг скок денеска 7.75 метри и во последната серија имаше скок од 7.50 метри.
Од македонските натпреварувачи настапи Леонид Вандевски во трката на 1.500 метри – го освои 5.место со време 4:00.26 минути.
Во дисциплината 400 метри кај мажите Јован Стојоски има осмо време во сениорска конкуренција со време 47.60 секунди или вкупно 12-то време, додека Огнен Стефановски има 15-то време во истата дисциплина 49.66 секунди.
Претпладнево во дисциплината 100 метри кај жените трчаше Натура Мало и патеката ја истрча за 13.00 секунди за 15-то последно место.
Адријана Поп Арсова во трката на 3.000 метри го освои четвртото место со време 10:06.56 минути.
Штафетата на Македонија 4х100 метри во состав Трајковски, Стефановски, Михаил Петров и Стојоски за четири стотинки истрчаа послаб резултат од националниот рекорд поставен пред еден месец во Полска. Тие денеска патеката ја истрчаа за 41.79 секунди, а рекордот изнесува 41.75 секунди.
Натпреварите на Балканијадата продолжуваат и утре.