Македонскиот вицепрвак, екипата на Шкупи го започнуваат европскиот пат во првото квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА.
Ждрепката одреди Шкупи за противник да го има тимот на Хегелман од Литванија.
Противникот на Чаирчани, игра во одлична форма и на последните три натпревари врза три победи, со што се наоѓа на четвртата позиција во првенството на Литванија.
Токму фактот дека се во натпреварувачки ритам ќе биде нивна главна предност во однос на Шкупи, кој имаше подготвителен период каде на четири средби запиша три победи.
Шкупи одново има високи мотиви. Минатата сезона играше во плеј-офот за групите во Конференциската лига, па оваа сезона сакаат да одат чекор понатаму и да изборат прво историско учество во групна фаза на едно европско натпреварување.
Клубот летово остана без неколку важни играчи но донесе и нови засилување па се очекува квалитативно да биде рамноправен противник.
Првата средба со Хегелман се игра на стадионот „Дариус и Гиренас“ во Каунас, вечерва со почеток од 19 часот.