Правилото во Лига Европа гласи: Кога Севиља ќе дојде до полуфинале, тогаш пласманот во финале е загарантиран. Најуспешниот тим во оваа натпреварување по продолженија успеа да го совлада Јувентус со 2:1 и да се пласира во финалето, каде против уште еден италијански претставник, Рома, ќе игра за седма титула во Лигата на Европа.
Во еден супер интересен и возбудлив натпревар, домаќините имаа повеќе храброст и на крајот сосема заслужено се пласираа во финалето во Будимпешта.
Резултатот од првиот натпревар, 1:1 беше гаранција дека ќе гледаме возбудлив натпревар во кој нијанси ќе одлучуваат, што на крај се покажа како точно.
Во возбудливо прво полувреме во кое видовме многу шанси, голманите беа на висина на задачата, па резултатот остана оној почетниот, 0:0.
во вториот дел, двајцата тренери влегоа уште поофанзивно со неколку промени во составите, а истото вроди со плод па во краток временски период видовме два гола.
Најпрви резервистот, Душан Влаховиќ со маестрална завршница го замолкна стадионот за предност на гостите од Торино со 0:1.
Кога делуваше дека Јувентус го има рецептот за пласман во големото финале, уште еден резервист, Сусо со проектил од 25 метри го остави немоќен голманот Шчесни и изедначи на 1:1.
Во продолженијата Севиља едноставно имаше повеќе храброст, посилно напаѓаше а сето тоа резултираше со гол на Ерик Ламела во 95-тата минутv
До крајот на екстра времето Јувентус се обидуваше да се врати и да избори барем пенали, но домаќините се одбранија од сите налети, и сосема заслужено се пласираа во финалето.