Во вториот натпревар од полуфиналето екипата на Рома одигра нерешено (0:0) против Баер Леверкузен и со вкупни 1:0 се пласираше во големото финале во Будимпешта. Жозе Мурињо уште еднаш покажа како се „држи“ резултат.
На самиот почеток од натпреварот (12-тата минута), Муса Диаби имаше шанса да и донесе водство на својата екипа, но по прекрасниот удар надвор од шестнаесетникот ја погоди само пречката. Присилна замена направи Мурињо во 34-та по повредата на еден од клучните играчи за Рома, Леонардо Спинацола, а на негово место влезе младиот Никола Залевски. Контролата на натпреварот во првото полувреме целосно му припадна на Леверкузен, но на паузата резултатот остана непроменет – 0:0.
Во второто полувреме избраниците на Чаби Алонсо креираа „опсада“ пред голот на Руи Патрицио и со крајни сили се обидуваа да го постигнат голот кој им требаше за продолжение. Сардар Азмун и Џереми Фримпонг имаа две добри шанси во финишот (81-та и 85-тата минута), но не успеаја да ги искористат. И покрај одличната игра на „фармацевтите“, дефанзивата на Рома беше на високо ниво и не дозволи било какви изненадувања. Крајниот резултат остана 0:0.
Рома во финалето од Лигата на Европа го чека подобриот од натпреварот меѓу Јувентус и Севиља, каде во моментов се играат продолженијата.