Паралелно со денешното гостување на нашите момци кај Цибона (17 часот), во ек се подготовките за дуелот помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Црвена звезда, актуелниот регионален шампион и евролигаш, закажан за 8 јануари (недела) во 17 часот, а за кој од денеска се пуштени билетите во продажба и тоа поделени во три различни категории по цена од 500, 400 и 300 денари (купи ТУКА)
Согласно безбедносните насоки од МВР, а според Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), за навивачите, симпатизерите и за сите останати кои сакаат средбата да ја следат со обележја, знамиња или да навиваат за Ц. Звезда е обезбеден посебен дел во салата „Јане Сандански“. Станува збор за Блоковите 2,3,4,5, А1 и А2, кои ќе се продаваат по цена од 500 денари, а кои црвено-белите фанови ЗАДОЛЖИТЕЛНО ќе мора да ги поседуваат. Во спротивно, ако бидат забележани на друго место во салата, веднаш ќе бидат отстранети од спортскиот објект.
Останатите кошаркарски вљубеници од државата ќе може да купат билети од блоковите А3 и А6 по цена од 400 денари и од блоковите 6, 7, 8, 10, 11, 14, 15 и 16 по цена од 300 денари.
Истовремено, сакаме да апелираме до сите навивачи, симпатизери и останати вљубеници во кошарката кои сезонава ќе доаѓаат во „Јане Сандански“ за фер и коректно навивање и пред сѐ за воздржување од фрлање предмети на теренот. Пропозиците на АБА сезонава се ригорозни, најмалата казна е 15.000 евра, а судиите имаат препораки веќе по третата опомена да ја испразнат салата, што апсолутно никој не сака да се случи.
Билетите ќе може да се купат во сите продажни места на „МКТикетс“ во Скопје и низ државата, како и преку интернет на www.karti.com.mk и на www.mktickets.mk, како и на билетарата пред СЦ „Јане Сандански“ на денот на натпреварот во периодот помеѓу 10 и 17 часот.