Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром е првиот тим што обезбеди пласман во полуфиналето од плеј-офот на домашното кошаркарско првенство.
Ова откако вечерва во Гевгелија, тимот на МЗТ славеше над Кожув со 95-81 и со 2:0 во победи ја доби четвртфиналната серија.
Една четвртина и тоа последна беше доволна аеродромци да стигнат, на крајот и до убедлива победа, откако во претходните три домаќините беа рамноправен, па на моменти и подобар противник. МЗТ го доби завршните 10-минути си 30-16 па на крајот тоа се покажа и како решавачко.
Бојан Крстевски со 28 поени и 8 скокови беше најдобриот поединец на натпреварот и во победничката екипа во кој втор стрелец беше капитенот Дамјан Стојановски со 13 поени.
Сега МЗТ ќе го чека исходот од дуелите меѓу Гостивар и Работнички, во кој утре во Скопје, гостиварци ќе влезат со предност од 1:0 во победи.
Потсетување дека попладнево се одигра и натпреварот Еуро Никел – ТФТ Моцар во кој победа забележаа гостите со што се изборија за мајсторка.