Првиот четвртфинален натпревар од плеј-офот, меѓу шампионот МЗТ Скопје Аеродром и Кожув што се играше вечерва во Скопје, мина во знак на инцидентот што го предизвика Драган Николиќ, па победата неговиот тим МЗТ Скопје над гевгеличани 83-69, остана во сенка на немилите случувања.
Иако тргнаа одлично и двата тима, сепак Кожув покажа дека не стигнал во Скопје само да се прошета. Првиот дел им припадна на гевгеличани со 23-25. Добрата игра на гостите продолжи и во вториот период. Во еден момент Кожув направи серија од 12-2 и стигна до највисоката предност од девет поени кои до крајот на полувремето ги зголеми и на двоцифрена предност од +10 и со резултат 39-49 замина на одмор.
Во третиот период и второто полувреме домаќинот МЗТ Скопје со одлична и фуриозна игра во одбраната и нападот не му дозволи на Кожув цели 5 минути да постигне поени, а за тоа време разликата се стопи на минус еден 48-49.
Работите си дојдоа на свое место до крај на третата четвртина која МЗТ Скопје ја доби до 24-6 и пред стартот на последниот период домаќините имаа предност од осум разлика 63-55.
Последниот период беше само рутина за шампионот, иако Кожув стигна до минус четири негатива 71-67, сепак немаше сили до крајот на натпреварот и загуби со 83-69 за 1:0 во победи во серијата, прв до два.
Војдан Стојановски постигна 29 коша за МЗТ, а неговиот брат Дамјан 21 кош. Кај гостите Гордон беше најефикасен со 21 поен, а Братоз постигна 13.
Следниот натпревар ќе се игра во среда на 3 мај, во Гевгелија.
Томислав Атанасовски