Младинците на Хајдук изборија финале во малдинската Лига на шампионите на УЕФА откако попладнево во Женева во полуфиналето го совладаа Милан со 3:1. Тие во финалето во понеделник ќе играат против холандскиот тим АЗ, кој по 2:2 и 4:3 на пенали го совлада Спортинг.

Хајдук до победата дојде откако беше многу подобар ривал во второто полувреме и ги искористи своите шанси, додека во првиот дел беше равноправна игра. Водечкиот гол за „сплитските били“ го постигнаа во 51.та минута преку Врциќ, а на 2:0 зголемија со голот на Пукштас. На двата гола им асистираше Роко Брајковиќ. За убедливото водство на Хајдук се погрижи Хрговиќ кога по еден соло продор го совлада противничкиот голман. До крајот на дуелот Милан само го намали водството со голот на Зероли во 83.минута.

Хајдук во нок-аут фазата претходно ги победи Манчестер Сити и Борусија Дортмунд.