26 годишниот македонски фудбалер Мартин Мирчевски кој настапува во екипата на ТСЦ Бачка Топола. Неговата кариера започнува во Пелистер, а во Македонија настапуваше уште и за Победа, Беласица, Вардар и Академија Пандев.

Ова е за Мартин втор интернационален клуб после Трепча, Косово. На 20-ти ноември минатата година дебитираше за репрезентацијата на Македонија во пријателски натпревар со Азербејџан.

На последните натпревари Мартин не добива голема минутажа, меѓутоа ја користи секоја прилика што ќе му се укаже, а за тоа говорат бројките.

Пред неколку денови, во Србија беше направена статистика која говори дека Мирчевски е најуспешен во српската Супер лига. Мирчевски кој на почетокот на сезоната запиша хет-трик во триумфот на својот клуб од 3-1 против Колубара, во просек успева да постигне гол на секои 111 минути, додека зад него на оваа листа е првиот стрелец на лигата Александар Катаи кој постигнува гол на секои 116 минути.

Мартин оваа сезона има одиграно 14 натпревари, а во стартната постава бил само 8 пати. Неговите просечни минути на терен се 48, а има постигнато 7 голови. Според тие бројки Мартин постигнува гол на секои 111 минути. Покрај головите има и 2 асистенции, а процентот на успешни дриблинзи му е 63%, додека неговата прецизност на додавање по натпревар изнесува високи 80%.

Следниот натпревар за Мирчевски и неговата ТСЦ Бачка Топола е во сабота, на тешкото гостување кај првопласираната Црвена Звезда.

Филип Василевски