Како наближува новата година, така се намалува бројот на спортските настани, барем на борилиштата, но затоа спортските организации им оддаваат признанија на најдобрите за годината која е во заминување.
Така вечерва во организација на Агенцијата за млади и спорт, ќе бидат прогласени најдобрите македонски спортисти, колективи и работници во 2022 година.
Како и вообичаено, признанијата ќе бидат поделени во шест категории.
Во конкуренција кај мажите има четворица спортисти од боречките спортови, но ниту еден од колективните, па така за признанието најдобар спортист се номинирани: таеквондистот Дејан Георгиевски, кик-боксерот Бобан Илиоски, борачот Владимир Егоров, каратистот Петар Спасеновски и пливачот Андреј Стојановски.
Безмалку идентична е конкуренцијата и кај дамите, па покрај Оливера Наковска Бикова која е претставник на спортско пара-стрелаштво, како и Мери Акиевска која доаѓа од боди билдинг и фитнес спортот, останатите три се од боречките спортови и тоа: Викторија Варадинова од кик-боксот, каратистката Вероника Костовска и Милијана Релиќ од таеквондото.
Ќе бидат прогласени и најуспешните млади спортисти во двете категории, жени и мажи, исто како и национални селекции, најуспешниот тренер/селектор, а списокот ќе биде заокружен со прогласувањето на најуспешната спортска федерација.
Изборот за најуспешните македонски спортисти за 2022 година ќе се одржи во х. Александар Палас во Скопје, со почеток од 20:30 часот.