Еурофарм Пелистер денеска во Битола го пречекува Вибжеже Гдањск во петтото коло од групата Г во ЕХФ Европската лига. На програмата денеска, 24 ноември, во оваа група се два натпревари, бидејќи вечерва играат уште Гумерсбах и Ла Риоха

Зелено-белите во салата „Боро Чурлевски“ бараат продолжување на европскиот ритам по победата над Гумерсбах (29:28) минатата недела. Во првиот меѓусебен дуел во Полска екипите одиграа 31:31, а во четвртокот битолчани загубија од Алкалоид со 30:28 во Суперлигата.

Пред дуелот со полскиот тим, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Анжеј Видомски, се осврна на краткото време за подготовка.

„Мислам дека го заборавивме Алкалоид и треба да се фокусираме на овој натпревар. Го анализиравме последниот меч, ги издвоивме работите што ги направивме добро и лошо.

Гдањск има многу добри млади и искусни играчи. Сакаат да го играат тој шпански стил, па во одбрана прават пресинг од број два до број пет.

Сакаме да играме под притисок, а и играме дома. Ако нашите навивачи ни помогнат, а сигурно ќе ни помогнат, ова може да биде навистина, навистина добар натпревар за нас“, изјави Видомски.

По четири одиграни кола, Вибжеже Гдањск е прв во групата Г со шест бода и без пораз. Втор е Гумерсбах со четири бода, додека Ла Риоха е трета со три бода. Еурофарм Пелистер исто така има три бода на четвртото место, а во нокаут-фазата продолжуваат двете првопласирани екипи.

Денешниот натпревар Еурофарм Пелистер – Вибжеже Гдањск почнува во 18:45 часот.