Вкупно шест натпревари се одиграа изминатата ноќ на паркетите во НБА лигата. Вечерта ја одбележаа историската партија на Виктор Вембањама со 50 поени и драматичната победа на актуелниот шампион Њујорк Никс.
Францускиот центар на Сан Антонио Спарс одигра неверојатен натпревар во убедливиот триумф над Њу Орлеанс Пеликанс со 114-91.
Вембањама постигна 50 поени, од кои 32 во првото полувреме, дополнети со 19 скока, пет блокади и четири украдени топки. Со ова остварување тој стана првиот кошаркар по повеќе од пет децении со ваква сестрана статистика на еден НБА меч. Теренот го напушти на шест и пол минути пред крајот, веднаш по погодената тројка за педесеттиот поен. Со оваа победа Сан Антонио стигна до скор 14-3 и го дели првото место во Западната конференција со Лос Анџелес Лејкерс.
Вистинска драма се одвиваше во „Медисон Сквер Гарден“, каде Њујорк Никс го совлада Портланд Трејл Блејзерс со 97-96.
Актуелниот НБА шампион имаше висока предност од 26 поени во првото полувреме, но гостите направија голем пресврт во финишот. Дени Авдија погоди слободни фрлања за водство на Портланд на само три секунди пред крајот на средбата. Сепак, по тајм-аутот, Микал Бриџис погоди тешка тројка со звукот на сирената преку Тумани Камара и донесе огромна радост за домаќините. Џејлен Брансон го предводеше Њујорк со 30 поени, додека кај Портланд најефикасни беа Клинген со 22 и Авдија со 20 поени.
Резултати од сите натпревари во НБА лигата:
Њујорк Никс – Портланд Трејл Блејзерс 97-96
Сан Антонио Спарс – Њу Орлеанс Пеликанс 114-91
Далас Маверикс – Лос Анџелес Клиперс 110-100
Минесота Тимбервулвс – Мемфис Гризлис 104-95
Сакраменто Кингс – Бостон Селтикс 97-96
Филаделфија 76ерс – Милвоки Бакс 132-129





































