Македонскиот ракометен вицепрвак денеска на домашен терен ќе се обиде да ја забележи првата европска победа. Еурофарм Пелистер во рамките на 4.коло на ЕХФ Европската лига го пречекува силниот Гумерсбах кој важи за огромен фаворит.
Ракометарот Самоил Ристевски верува дека домашниот тим има свои шанси против реномираниот бундеслигаш.
„Гумерсбах е една од најдобрите екипи во Бундеслигата, но ќе се обидеме максимално да ги искористиме нивните лоши страни“, истакна Ристевски.
Младиот играч потенцираше дека екипата не смее да потклекне под притисокот пред овој важен меѓународен натпревар.
„Не треба да си создаваме притисок, туку пред нашите гледачи да го дадеме максимумот за најдобар можен резултат“, додаде Ристевски.
Гумерсбах е лидер на табелата во групата со освоени шест бодови. Еурофарм Пелистер се наоѓа на последното место со само еден бод. Овој натпревар во Битола ќе се одигра денеска со почеток во 20:45 часот.































