Македонската фудбалска репрезентација утре ја пречекува Словенија во последното коло од Б-дивизијата во УЕФА Лигата на нациите. Натпреварот се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20:45 часот. Иако дуелот нема резултатско значење по петте порази, селекторот Гоце Седлоски најави максимален пристап и игра на победа.

По гостувањето во Шкотска (2:1), стручниот штаб смета дека македонскиот национален тим покажал напредок во второто полувреме. Токму тој пристап треба да биде водилка против компактната Словенија, која во Скопје брка триумф за второто место.

„Против Шкотска покажавме дека можеме рамноправно да се носиме и да парираме секому, особено во второто полувреме, па сметам дека не заслуживме пораз. Во првиот меч во Словенија одигравме коректно, но примивме голови по наши грешки. Словенија е компактна екипа која добро се брани и има моќна транзиција, па на тие сегменти мора да внимаваме. Треба да го зголемиме ритамот и верувам дека играчите ќе покажат карактер за да стигнеме до посакуваните три бода“, изјави Седлоски. 

Сите фудбалери се во комбинација по враќањето од Глазгов, освен Димитар Митровски кој се пожалил на ситна повреда. За неговиот настап и можните промени во стартниот состав поради замор ќе се одлучува по денешниот последен тренинг. Селекторот потенцираше дека клучот за успех лежи во офанзивната иницијатива и подобрата реализација пред противничкиот гол.

„Ние треба да се гледаме самите себеси и да се фокусираме на нашата игра. Нека биде отворен натпревар со многу шанси и нека победи подобриот. Можеби ќе има две-три промени во тимот поради умор, но кој и да истрча на теренот ќе го даде максимумот. Мора да тргнеме поофанзивно од самиот старт. На претходните дуели покажавме дека создаваме шанси, но кога на вакви натпревари ќе креирате две до три добри можности – мора да ги реализирате, бидејќи во спротивно противникот ве казнува“, истакна селекторот.

По пет одиграни кола во групата Б1, Швајцарија е недостижна на врвот со 13 бодови и оди во Лига А. Словенија е втора со осум бодови, еден повеќе од Шкотска, и со победа во Скопје обезбедува бараж. Македонија останува четврта без бодови и во март 2027 година ќе игра плејоф за опстанок во Б-дивизијата.