- Второто коло во македонската Супер кошаркарска лига, носи возбудлива саботна програма со три интересни натпревари.
Денешните дуели ќе понудат директни пресметки на екипите кои победнички ја отворија новата натпреварувачка сезона.
Од 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, екипата на Работнички ќе го пречека составот на Тиквеш. Двата ривали запишаа победи на стартот и влегуваат максимално мотивирани за продолжување на успешниот ритам.
Во истиот термин, во салата „26 Април“ во Гевгелија, Кожув ќе биде домаќин на шампионот МЗТ Скопје Аеродром. Овие два тима исто така славеа на премиерата, што најавува неизвесни и динамични четириесет минути кошаркарска борба.
Од 19:00 часот во Куманово, силите на паркетот ќе ги одмерат екипите на МКК Куманово и ГКК Штип. Двата клуба посакуваат прва сезонска победа по стартните порази од МЗТ Скопје и екипата на Тиквеш.
Второто коло се комплетира во недела, кога во Струмица од 17:00 часот силите ќе ги одмерат Струмица и Пелистер.


























