Ракометарите на ГРК Тиквеш четврта последователна сезона се дел од ЕХФ Европскиот куп. Годишнината ја почнуваат со двомеч и тоа на домашен терен и тоа во првата елиминациска рунда.
Противник на кавадарчани е екипата на Еш од Луксембург против која двата меча ќе ги играат пред својата публика во салата „Јасмин“, денеска и утре.
По одличниот старт во домашното првенство, сигурно е дека самодовербата на екипата е на големо ниво, а така се очекува да биде и на овие два натпревари.
„Имаме млада и талентирана екипа, која уште на првиот натпревар пред домашната публика покажа голем жар, борбеност и желба.
Мислам дека тоа е најубавата покана за сите наши верни навивачи и симпатизери на клубот да дојдат овој викенд во салата „Јасмин“, да ја исполнат до последното место и уште еднаш од Кавадарци да испратиме вистинска и убава ракометна слика.
Нè очекува тежок и неизвесен двомеч, но во Кавадарци, во нашата сала и пред нашите браќа – „Лозари“, ние се прашуваме за сè!“, изјави искусниот Страхиња Симиќ.
Двата натпревари (денеска и утре), ќе се играат во терминот од 18 часот.
Потсетување дека покрај Тиквеш во ова натпреварување Македонија има уште три претставници и тоа последните два тима што го освоија шампионскиот пехар. Тоа се актуелниот шампион во Европскиот куп, тимот на Охрид, екипата на Алкалоид која пред две сезони го освои трофејот. Покрај нив ќе играат и ракометарите на Бутел, а сите три екипи ќе почнат од второто коло.




































