Историскиот успех на ГРК Охрид, кој го освои трофејот во Европскиот куп по двете победи над Татабања, е сериозно засенет. Додека македонската јавност го славеше триумфот, обвинувањата за расизам создадоа негативен имиџ.
Европската ракометна федерација покрена официјална истрага по обвинувањата на ракометарот на Татабања, Баптист Даматрин, за расистички навреди и плукање од страна на публиката за време на финалето на Европскиот куп во Охрид.
Веднаш по обелоденувањето на случајот, ЕХФ издаде соопштение:
„ЕХФ нагласува дека нема место за расизам во европскиот ракомет и како организација ги осудуваме сите форми на расизам, дискриминација и нетолеранција.
Секое такво однесување против играч, судија и гледач не е толерирано.
Последователно, Европската ракометна федерација одлучи да покрене истрага за обвинувањата за да утврди дали треба да се поведат правни постапки“.
Потенцијалните санкции од ЕХФ може да вклучуваат парични казни, забрана за присуство на публика или други дисциплински мерки.





























