Во новата ракометна сезона тимот на Еурофарм Пелистер е со цел, враќање на шампионскиот пехар во Битола. Македонскиот вицепрвак ги започна официјалните подготовки под водство на трофејниот хрватски стратег Лино Червар.
Неговата визија се темели врз цврст колектив, препознатлив идентитет и максимална борбеност на сите четири фронта.
„Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе биде игра за клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот.
Сите ние заедно, секој од нас мора да даде се.
Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да се обидам да направам се што можам за клубот да биде успешен“, изјави Червар.

ФОТО: Фејсбук РК Еурофарм Пелистер
Првичните денови во Битола се посветени на задолжителните медицински тестови и воведните тренинзи. Потоа екипата заминува на базични подготовки во Словенија, каде ќе се одиграат неколку важни проверки. Формата ќе се бруси низ контролни дуели против репрезентацијата на Катар и словенечкиот клуб Крка. Овие тестови се одлична увертира за официјалниот старт на шампионатот и дербито со Охрид.
Зелено-белиот дрес повеќе нема да го носат Манасков, Хосни, Радивојевиќ, Абутовиќ, Тајник и Хаџиќ. Капитенот Филип Кузмановски истакна дека навивачите ќе бидат нивниот најважен играч во претстојната грчевита борба.
Битолскиот клуб направи сериозна реконструкција на тимот по минатосезонската загубена титула од Вардар. Во екипата пристигнаа осум засилувања: Колаковиќ, Котар, Мехмедовиќ, Басанесе, Серафимов, Татар, Џелетовиќ и Белистојаноски.


































