Актуелните шампионки одбојкарките на Работнички Скопје, првите кои се пласираа во финалето.
Во вториот натпревар од полуфиналната рунда на женскиот плејоф, Работнички го победи тимот на Фит фан волеј со 3-1 во сетови и со втората победа се промовира во финалист.
Љубителите на одбојката присутни на овој меч што се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ имаа можност да уживаат во одлична одбојка и неизвесен дуел.
Резултатот навидум говори за релативно лесен меч. Но, не беше така за шампионките. Напротив. Одбојкарките на Фит фан волеј се бореа до последен поен. Тие го добија првиот сет со 25-23.
Во вториот имаа и сет топка што не ја искористија, за гостинките да стигнат до израмнување, добивајќи го сетот со 29:27.
Единствено третиот сет мина во знакот на фаворитките кои го добија со 25:16.
Одново голема борба во четвртиот сет подобри беа одбојкарките на Работнички кои го добија со 25:23, за конечни 3-1 во сетови и 2-0 во победи, а со тоа и пласман во финалето.
Во него (по велигденските празници), Работнички ќе игра со подобриот од мајсторката меѓу Јанта волеј и Наковски волеј закажана за утре со почеток од 17:30 часот.