Одбојкарската федерација на Македонија ги изрече казните по инцидентните настани пред саботниот натпревар меѓу Наковски волеј и Јанта волеј во полуфиналето од разигрувањето во женскиот одбојкарски шампионат на Македонија.

За грешки од организациска природа и физички напад кон службени лица од неслужбено лице, ОК Наковски волеј ќе плати вкупна каза од 66.000 денари, тренерот Хари Наковски 30.000 денари, а клубот ќе игра на терен оддалечен најмалку 50 километри од првично пријавениот доколку се пласира во финалето од разигрувањето.

Со 15.000 денари е санкционирана одбојкарката на Јанта волеј Ана Фасулева поради непримерно и неспортско однесување.

Мајсторката која ќе решава за пласман во финалето ќе се игра утре во Кисела вода од 17 часот и 25 минути.