Сон на секој спортист е да игра за националниот дрес, особено пред полна арена на домашни навивачи. Ова е заедничкиот став на македонските репрезентативни фудбалери Енис Барди и Ељиф Елмас.
Тие заедно со своите колеги од националниот тим, вечерва ќе го играат натпреварот против Швајцарија во УЕФА Лигата на Нации.
Тоа е воведниот меч за Македонија во новиот циклус во ова натпреварување, во кое за противници ќе ги има и селекциите на Словенија и Шкотска.
Но, сега сите мисли се насочени кон вечерашниот дуел со Швајцарците, кои важат за топ фаворити во оваа конкуренција.
Задачата нема да биде ни малку лесна, јасно им е на двајцата македонски фудбалери.

„Очекувам тежок натпревар. Играме против моќна репрезентација и четвртфиналист на Мундијалот, но ние сме подготвени и ќе излеземе по позитивен резултат.
Чест ни е што младите се со нас, ги прифаќаме најдобро што можеме. За секој фудбалер е чест да го носи дресот на репрезентацијата“, истакна Елмас.
И капитенот Енис Барди очекува тежок натпревар, во кој неговите соиграчи ќе мора да покажат карактер. Барди очекува полниот стадион, а тоа би било важен фактор во дуелот со силната Швајцарија.

„Имаме одлична атмосфера, среќни сме што повторно сме заедно и подготвени сме за максимум.
Очекуваме голема поддршка од навивачите, тоа многу ни значи.
Играме во Скопје, ова е нашиот дом и треба да го покажеме нашиот идентитет. Многу ни значи полн стадион и свесни сме дека пред нас е тежок натпревар“, вели Барди.
Каква ќе биде атмосферата, но пред се каква ќе биде играта на Македонија против Швајцарија ќе видиме вечерва на арената „Тодор Проевски“ во Скопје. Натпреварот ќе почне во терминот од 20.45 часот.




































