Дарко Чурлинов нем да настапи за македонската репрезентација на првите четири натпревари во новиот циклус од Лигата на нации.
Причината е административна процедура поврзана со неговиот престој и работниот статус во Полска. Клубот Погон Шчечин во кој настапува Чурлинов доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната работна и документација за негов престој.
Чурлинов во моментов се наоѓа во Европската Унија подолг период без да ја напушти нејзината територија. Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена.
Во случај на негово доаѓање во Македонија, повторното враќање во државите од ЕУ би можело да биде отежнато. Тпгаш Лурлинов може да биде предмет на соодветни санкции поради надминување на дозволениот период на престој без потребните документи.
ФФМ за ситуацијата беше информирана непосредно пред официјалниот репрезентативен собир. Поканата за настап на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари, согласно утврдените процедури, до неговиот клуб беше испратена пред три седмици.
Според информациите добиени од Полска, за комплетирање на целата постапка и обезбедување на потребната документација потребни се најмалку две недели. Тоа во овој момент не овозможува Чурлинов да ја напушти Полска и да се приклучи на репрезентативниот собир без ризик.
ФФМ останува во комуникација со сите инволвирани страни со цел административната процедура да биде решена во најкраток можен рок. За случајот е информирана Амбасадата на Македонија во Полска, а со ситуацијата е запознаена и УЕФА, со цел, да се изнајде соодветно решение во рамки на важечките процедури и прописи.
Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, дополнително ќе одлучи дали ќе повика друг фудбалер на местото на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари.


































