Во рамки на 22. коло, Ѓорче Петров славеше убедлива победа на гостувањето кај Куманово со 43:24.

Натпреварот започна со водство од 2:0 за гостинките, но Куманово брзо возврати и израмни на 2:2. Во почетниот дел се играше израмнето, сè до 9. минута кога Ѓорче со серија од 3:0 се одлепи на 7:4. До средината на полувремето, шампионките постепено ја зголемуваа предноста, па во 20. минута веќе имаа +5 (14:9), за на пауза да заминат со сигурни 19:14.

Во второто полувреме немаше дилеми околу победникот. Ѓорче Петров целосно го контролираше темпото и резултатот, а во 41. минута стигна до двоцифрена предност од +10 (28:18). До самиот крај разликата дополнително растеше, па натпреварот заврши со убедлив триумф од 43:24.

Најефикасни во победничкиот состав беа Ризоска и Ѓорѓиевска со по осум постигнати голови, додека кај Куманово се истакна Азеведо, исто така со осум гола.

Ивона Кимовска