Ракометарите на Вардар се старо-новите освојувачи на трофејот во Купот на Македонија.
Во супер интересното финале на завршниот турнир чиј домаќин беше Струмица, Вардар славеше над Охрид со 24-23.
Во првото полувреме, бранителот на трофејот Вардар, беше оној кој ја наметна својата игра. Вардарци постојано го контролираа резултатот и имаа предност, а на одмор заминаа со гол предност 13-12. Скопските „црвено-црни“ водеа се до 39.минута (17-16) кога Охрид направи серија. Благодарение на одличниот на голот Пилиповиќ, охриѓани поведоа со три разлика 20-17 (42.минута). По тајм-аутот на Чупиуќ, вардарци се вратија во ритам, но мора да се истакнат клучните одбрани на вардаровиот голман Валах. Во завршните пет минути Вардар беше оној што влезе со два гола предност (24-22). Решавачкиот момент се случи на 90.секунди пред крајот кога при резултат 24-23 за Вардар, голманот Вљалах му го одбрани седмерецот на Јапонецот, Јасухира. Вардарци не го реализираа следниот напад и им дадоа шанса на охриѓани за израмнување. На 16.секунди до крајот Гоце Георгиевски заработи исклучување поради игра со нога. Предноста од човек повеќе Охрид не ја казни, се обидоа атрактивно да стигнат до израмнување, но не успеаја. Така вардаровото славје можеше да почне.
За екипата на Вардар ова е вкупно 18-ти трофеј во Купот на Македонија, петти на последните шест финални турнири (2024 го освои Алкалоид). Охрид пак ќе мора да почека на својот прв клупски трофеј, но и на првата победа на Вардар кого досега го нема совладано.
































