Кошаркарското првенство на Македонија влегува во претпоследната фаза, полуфиналната рунда.
Таа ќе биде отворена денеска со натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ од 18.30 часот.
Во него актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром за противник ќе го има најпријатното изненадување сезоната, тимот на МКК Куманово. Искуството, па и квалитетот е страната на аеродромци, но тоа ќе мора да го потврдат во најмалку три натпревари. Од друга страна, кумановци предводени од поранешниот македонски селектор Марин Докузовски, нема што да загубат. Напротив, тие ќе се обидат да направат уште едно во низата изненадувања.
Потсетување дека пласман во финалето ќе обезбеди тимот што прв ќе оствари три победи. Серијата се игра по принципот дома-гости-дама и тоа 2-2-1.
Во второто полуфинале, утре во СЦ „Кале“ ќе играат екипите на ТФТ и Работнички. Тоа ќе биде уште една во низата интересни пресметки на овие два тима, кои посакуваат финале. Овој натпревар ќе почне од 18.30 часот.