Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз на гостувањето во Бор од репрезентацијата на Србија со 34:21, полувреме 20:11. Овој дуел е во рамките на неделата на ЕХФ и служи како подготовка за претстојните бараж дуели, кои во април Македонија ќе ги игра против Полска за пласман на Светското првенство.

Денешниот противник беше апсолутен фаворит, откако по неколку годишна пауза репрезентативниот дрес повторно го облекоа ракометарки од светскиот врв како: Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ (екс ракометарки на Вардар), голманката Катарина Томашевиќ и Катарина Крпеж. За разлика од Србија селекторот на Македонија, Кристијан Грчевски не можеше да смета на повредените Ристовска Кипријановска и Џатевска.

Домашната репрезентација во текот на целиот натпревар беше подобар тим, на полувреме имаше девет голови разлика, а на почетокот на вториот дел и прво двоцифрено водство 22:12 во 34.минута. Најефикасна кај македонија беше Катерина Дамјаноска со шест голови, додека на натпреварот најмногу голови постигна Крпеж – 7.

Двете репрезентации утре во Бор со почеток од 13 часот ќе одиграат уште еден натпревар од затворен тип.

Македонија во баражот игра против Полска на 9.април на гости, а на 12.април на домашен терен во Битола.