Младиот македонски тенисер Марко Алексовски играше две финалиња на развојниот шампионат (тенисери до 14 години) што се одржува во Анталија, Турција (прв турнир). Тој денеска по голема борба со 2-1 во сетови (6:2, 3:6, 7:5) го загуби финалето од претставникот на Босна и Херцеговина, Андрија Мартиновиќ. На патот до финалето Алексовски во првото коло беше слободен, а потоа забележа победа од 2-0 во сетови против Николај Флорница од Молдавија, Арес Ферхати од Албанија го победи во четвртфиалето со 2-0 во сетови, додека во полуфиналето беше поуспешен од домашниот тенисер Бекир Девран Есендалги со 2-1 во сетови.

Во конкуренција на двојки заедно со Алексеј Стојановски во финалето беа поразени од тенисерите од Турција Тала Емин Булут и Бекир Девран Есендалги со 2-0 во сетови.

Стојановски во поединечна конкуренција во првото коло го победи Анвел Агајан од Ерменија со 2-0 во сетови, а потоа во четвртфиналето беше поразен од Петар Станковиќ од Црна Гора со 2-0 во сетови. Во мечевите за пласман Стојановски оствари една победа и два порази (загуби во мечот за 11.место од Бенџамин Демировиќ од БиХ со 2-0).

Во конкуренција на девојчиња Ивана Божиновска во четвртфиналето загуби од Ангелина Ева Радоман од Црна Гора, а во мечевите за пласман оствари две победи и еден пораз. Деа Крстевска по стартниот пораз разигруваше за пласман каде постигна две победи. Во конкуреција на двојки македонскиот пар во првото коло ги совладаа тенисерките од Ерменија, а во четвртфиналето загубија од претставничките на Турција.

Од утре стартуваат мечевите на вториот турнир од развојниот шампионат за тенисерите и тенисерките до 14 години.

Во Анталија како дел од развојниот шампионат се и тенисери и тенисерки до 12 години, кои во првите неколку дена минаа заеднички камп, а во следните денови ќе имаат настап и на турнир. За Македонија кај момчињата ќе настапи Томи Јакимовски, а кај девојчињата Ведрана Таневска.

Во двете конкуренции кај момчињата и кај девојчињата на развојните шампионати се пријавени вкупно 60 тенисери и тенисерки од 10 држави.