Македонските младинци со убедлив пораз го започнаа настапот на Евробаскетот за кошаркари до 20 години. Во натпреварот од 1.коло на А групата Македонија е поразена од Шпанија со 55 разлика 38-93.
Во кој правец ќе се одвива натпреварот веќе беше јасно по четири минути игра кога Шпанците направија двоцифрена разлика 15-3. До крајот на четвртината разликата остана иста (21-9).
Само четири (четири) поени постигнаа македонските „надежи“ во вториот период, па „црвената фурија“ на одмор замина со +35 (48-13).
Второто полувреме беше само формалност за младите Шпанци кои на моменти си поигруваа со напите. Конечниот епилог беше пораз на Македонија со 55 разлика (93-38).
По ваков дебакл пораз и небитно е кој колку поени постигнал во нашиот национален тим.
Овие млади момчиња првенствено ќе мора да го поправат впечатокот пред се кога во прашање е борбеноста и играта во одбраната.
Многу време за тагување и анализи нема за македонските младинци бидејќи веќе утре ги очекува нов натпревар. Македонија утре ќе игра против Турција која денеска загуби од Белгија.