Екипата на Интер Мајами забележа уште една убедлива победа. Тимот од Флорида го совлада Њујорк „Ред Булс“ со 6:2, во условно кажано, дербито на колото во МЛС лигата.

А, за да биде далеку од дерби, се погрижија некогашните играчи на Барселона, Лионел Меси и Луис Суарез, кои имаа поддршка и од Матијас Рохас.

Во првиот дел, гостите од Њујорк имаа и предност со голот на Белгиецот, Данте Ванзеир постигнат во 30-тата минута. „Ред Булс“ тогаш добија „крилја“, кои во второто полувреме им ги „скратија“ Меси и Суарез.

Серијата на голови со прекрасен погодок ја почна Парагваецот, Рохас по додавањето на Меси. Следуваше голот на Аргентинецот, на асистенција на Суарез за 2-1.

Во продолжението на натпреварот „Магионичарот„ Лионел Меси имаше уште четири асистенции, по кои Рохас уште еднаш се запиша во листата на стрелците, а Суарез оствари хет-три.

За Интер Мајами ова беше седма победа во дванаесеттиот натпревар во Источната конференција. Екипата чиј сопственик е Дејвид Бекам е прв на табелата.